За нас
СЛОБОДЕН ИНДЕКС е неформално, партиски и финансиски независно студентско движење во кое група студенти од државните факултети се борат за подобрување на стандардот на образовниот систем.
Како движење Слободен Индекс постоиме од почетоците на 2009 година. Слободен Индекс е резултат на синтеза од студент(к)и кои веќе имаа учествувано во студентски активизам, како одбележувањето на 40 години од 68-ма и активности против комерцијализацијата во високото образование, заедно со новосоздадени групи и индивидуи. Тоа што ги спои овие групи и индивидуи, покрај заедничките проблеми, е и желбата за промена, за делување, за активно учество во градењето на студентското движење.
Ние, студент(к)ите од ова движење ги поставивме и тргнавме кон овие цели и барања:
- УКИНУВАЊЕ НА ПАРТИЦИПАЦИЈАТА ВО ДРЖАВНАТА КВОТА, како прв чекор кон БЕСПЛАТНО ЈАВНО ОБРАЗОВАНИЕ, односно целосно субвенционирано од државниот буџет, бидејќи сите плаќаме даноци од кои се полни буџетот, а тој по правило служи за финансирање на општите, јавни добра, а јавното високо образование е едно такво општо добро.
- НОВ СИСТЕМ НА СТУДЕНТСКО ОРГАНИЗИРАЊЕ, по пат на ПЛЕНУМ кој се базира на т.н. „директна демократија“, во кој секој студент ќе може да учествува во носењето одлуки и ковањето на сопствената студентска судбина, наспроти сегашниот СТУДЕНТСКИ ПАРЛАМЕНТ со сомнителна легитимност, кој се богати на грбот на студентите, незаинтересиран да ги брани нивните права.
- ПОДОБРУВАЊЕ НА ОПШТИТЕ УСЛОВИ НА СТУДИРАЊЕ: слободен простор за организирање разни студентски активности (трибини, презентации, настани); изградба на нови и реновирање на старите студентски домови како и подигнување на хигиенски стандарди во истите; намалување на бирократијата на Универзитетите; стоп на корупцијата и непотизмот кај наставниот кадар…
Не сме наивни, знаеме од каде тргнуваме, знаеме кои се ризиците и можностите, наши и на системот. Знаеме дека е долг и макотрпен патот на студирање и градење на студентско движење. Знаеме исто така дека не бараме ништо туѓо и никаков луксуз, го бараме она што нѝ следува, знаеме и свесни сме во нашиот потенцијал како студент(к)и, ете затоа сме тука!
Доколку те интересира што е направено досега од наша страна види ОВДЕ.
Доколку те интересира што планираме да направиме, тогаш ПРИКЛУЧИ СЕ или КОНТАКТИРАЈ НÈ!
Активирајте се!
Да бидеме вистински студенти!
НАШИОТ СТАВ МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ МНОГУ!

