Реакција по повод скандалозната цензура во Универзитетското радио Студент FM 92.9
ПРЕДМЕТ: Соопштение до средствата за јавно информирање
ПОВОД: Скандалозна цензура во Универзитетското радио Студент FM 92,9
(Гласот на студентите повторно замолчен!!!)
Независното студентско движење „Слободен индекс“, кое е дел од мрежата на Интернационалното студентско движење, најостро реагира на новите непосакувани и правно недозволиви појави во Студентското радио на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Имено, Програмскиот уредник м-р Димитар Апасиев (кој, патем речено, е најдобриот дипломиран студент во историјата на Правниот факултет со просек 10.00), добива отказ и е суспендиран од понатамошното вршење на оваа функција само поради тоа што во неговата вечерна концептуална емисија за контракултура „Circus Maximus“, меѓудругото, изразил и став против комерцијализацијата на јавното високо образование и критички се осврнал на Болоњската декларација и новиот Европски кредит-трансфер систем на студирање.
Ние, студентите обединети околу каузата на нашето движење, најсериозно протестираме против овој непрофесионален, арогантен, варварски и противуставен обид за замолчување на овој млад интелектуалец и активист од страна на Главниот и одговорен уредник на радиото како и од Ректорот на УКИМ – насочен директно кон подривање на слободоумната студентска мисла и правото на јавно изразување.
По тој повод, а неможејќи да дозволиме интелигенцијата да остане подјармена од беспринципиелното незнаење и дрското лукавство, го повикуваме Главниот уредник Даниела Блажевска, како чин на морална одговорност, да си поднесе неотповиклива оставка, а во спротивно Ректорот на УКИМ – проф. д-р Велимир Стојковски и Сенатот на Универзитетот да ја разрешат од функцијата заради неетичко и непрофесионално водење на Радиото, како и да ги искористат своите ингеренции за враќање на Апасиев во редот на уредувачкиот колегиум.
Доколку ова не биде сторено во најбрз можен рок – ќе ги искористиме сите правни и вонправни методи на правична, радикална и бескомпромисна студентска борба за исправање на оваа еклатантна неправда – недозволива за една здрава академска заедница, која наместо полтрони и послушници треба да стимулира критичка свест кај младите луѓе!
За нашите следни чекори по повод овој скандалозен случај ќе бидете благовремено известени.
Со почит,
Независно студентско движење „Слободен индекс“
По ова соопштение, следеше реакција од страна на главната и одговорна уредничка на Студент FM:


